Автоматски апарати за дезинфекција на возилата на влезовите во Прилеп

135

Општина Прилеп и Општинскиот штаб за управување со кризи ги интензивираат мерките за справување со коронавирусот и заштита на здравјето на граѓаните. За таа цел, денеска во функција се ставени автоматски апарати за дезинфекција на возилата што влегуваат во Прилеп. Автоматските прскалки, кои се поставени на сите 4 влезови во градот, користат специјално дезинфекционо средство и работат на принципот на активирање на сензор.

Истовремено, велат од општината, продолжува дезинфекцијата на влезовите во зградите и на сите населби во градот. Денеска со цистерни од Територијалната противпожарна единица без дезинфицирани улиците во населбата Варош. Во акцијата беше вклучено и возило на ЈКП „Водовод и канализација“, кое вршеше дезинфекција на потесните улици во населбата, во кои поголемите возила и цистерни немаат пристап.

Денеска се дезинифицираа и улиците во населените места Големо и Мало Коњари, Кадино село, Галичани, Беровци и Алинци. Дезинфекцијата се вршеше и со механизација на месното население, а дезинфекционите средства ги обезбеди општина Прилеп.

Од општинскиот кризен штаб уште еднаш апелираат до граѓаните да останат дома, да го почитуваат полицискиот час, како и препораките на Владата и Министерството за здравство.

Ка.М.