Светската здравствена организација (СЗО) изрази загриженост дека војната во Украина би можела да ја влоши пандемијата со коронавирусот, па оттаму настојува да стори повеќе за ограничување на ширењето на болеста.

Бројот евидентирани случаи во регионот е помал споредбено со претходната седмица, но ризик од развој на тешки форми на болеста со смртен исход постои, особено поради ниската стапка на вакцинираност во Украина.
Иста е ситуацијата и кај двата милиони бегалци кои поради воените дејствија преминаа во соседните држави.

Во Молдавија каде има многу од бегалците стапката на ваквцинираност на населението е 29 проценти, додека во Украина 34.
Во Украина и во соседните држави од 3 до 9 овој месец се регистрирани 791.021 нов случај на ковид-19, како и 8.012 смртни случаи како последица на инфекцијата, се наведува во последниот извештај на СЗО објавен синоќа.

-Ние како организација разбираме дека земјите се наоѓаат во незавидна ситуација и дека се соочуваат со најразлични предизвици во воената криза. За жал вирусот ќе ја искористи можноста да се шири-изјави Марија Ван Керкове, технички раководител за ковид-19 при СЗО.

Унгарија на украинските бегалци им нуди бесплатно вакцнирање против ковид, а СЗО ги финансира тестирањата. Романското Министерство за здравство испрати медицински екипи задолжени да ги тестираат и вакцинирааат украинските бегалци. Лекувањето на заболените бегалци од ковид-19 во Словачка е бесплатно. И во Молдавија вакцнирањето за Украинците е бесплатно, а Министерството за здравство ги плаќа тестовите за ковид-19.

Во заедничката изјава на УНИЦЕФ и УНФПА, СЗО повика на прекин на нападите врз украинскиот здравствен систем.
Според нивни податоци, потврден е 31 напад врз здравствени установи во земјата, со стравувања дека бројот напади е поголем.