Француската влада беше принудена јавно да ги негира лажните тврдења распространети на социјалните мрежи минатата недела дека кокаинот нè штити од ковид 19, болест предизвикана од коронавирус, пренесува „Бизнис инсајдер“.

Француското Министерство за здравство со твит ја негираше илјадници пати споделената информација, објавена минатата недела.

Информациите се целосно лажни, поради што Министерството објави на Твитер: „Не, кокаинот НЕ ве штити од коронавирус. Тоа е дрога која создава зависност, може да има сериозни последици и е многу штетна за здравјето на луѓето“.

Објавата следуваше во моментот кога во Франција се пријавени повеќе од илјада потврдени случаи на инфекција со коронавирус и 19 смртни случаи. Министерството, исто така, ги негираше лажните информации дека коронавирусот не се лекува дури ни со прскање алкохол или хлор на кожата.