Министерството за здравство апелира до граѓаните да ги почитуваат во целост мерките и препораките за заштита од коронавирусот.

Посебно се апелира сите граѓани да даваат вистинити и точни информации на надлежните институции, а од МВР се бара поинтензивно да врши контроли на терен.

– Сите мора да се придржуваат, без исклучок до препораките и целосно и вистинито да ги даваат сите информации до надлежните. Со криење и со давање невистинити податоци не се постигнува ништо, ниту некој ќе се заштити од болеста, напротив и себеси и најблиските така се доведуваат во голема опасност. Апелирам уште еднаш до МВР поинтензивно да се вршат контроли на терен – посочи Филипче на вчерашната прес-конференција.

Здравствените власти нагласуваат дека почитувањето на мерките ќе овозможи побрз излез од здравствената криза.

– Да се воздржиме од групирање и да ја одржуваме потребната дистанца. Да носиме заштитна опрема и да ги миеме често и да ги дезинфицираме рацете. Да бидеме внимателни. Да го заштитиме личното, но и колективното здравје – повикуваат од ресорното министерство.