Илјадници луѓе во Европа и во САД допрва треба да научат како да се прилагодат на промените во нивниот секојдневен живот предизвикани од коронавирусот. Ваквите промени го сменија животот во Азија од почетокот на јануари, каде што децата учат, а работниците работат од дома, со што сите се привикнуваат на промените, пренесува „Тајм“.

Луѓето кои веќе го искусиле вирусот ни пренесуваат совети како да останеме здрави, силни и продуктивни за време на опасноста од епидемијата. 

Не е крајот! 

– Ова не е почеток на крајот! Имајќи го ова предвид, знајте дека не сте сами. Хуморот исто така помага. Замислете, носиме маски и складираме тоалетна хартија – вели Стефани Јанг од Хонгконг.

Потрудете се вашите деца да бидат активни

– Без разлика на која возраст се, децата треба да бидат активни во текот на денот. Вежбање меѓу онлајн-часовите е секогаш добредојдено. Најважно е да одржувате секојдневна рутина – вели Никол Серџ, учителка од Хонгконг. 

Време поминато подалеку од екраните на електронските уреди

Дури и да немаат домашна задача, најдете им на децата обврски поврзани со едукација за да ги изморите. Времето поминато подалеку од екраните на електронските уреди е исто така важно, натерајте ги да се раздвижат. Секако, важен е и добар одмор, јога, цртање и добар сон – вели Лук Шродер, наставник од Велика Британија кој живее во Хонгконг.

Разговарајте со вашите деца за вирусот

– Едукацијата, разговорот и објаснување како на училиште, се многу важни за децата. 
Споредбата со заразни болести е добра точка за да почнете да го објаснувате вирусот, но секако, не треба да претерате и да го преувеличувате, со цел да избегнете предизвикување претеран страв – вели Стефани Јанг. 

Подалеку од социјалните случувања

– Поради доцното социјално дистанцирање во САД, би сакала да предупредев повеќе блиски и пријатели со цел да ги подготвам на време за изолацијата која им претстои. За да вежбате социјално дистанцирање, без притоа целосно да се изолирате, предлагам контакт преку социјалните мрежи, камера, телефон… видео повици за кафе и заеднички ручек, или едноставен разговор, се добри за менталното здравје – вели Шерин Ајуб, која била под изолација 14 дена во нејзиниот дом во Пекинг. 

Држете ги вашите раце покрај себе

– Кога сте излезени надвор, обидете се да не допирате ништо беспотребно. Можеби некој првин кивнал и го допрел предметот или површината, пренесувајќи притоа микроби кои остануваат некогаш и со денови. При допир со нечисти раце на носот, очите или усните, можете да се заразите. Користете шамичиња кога отворате врати или кога притискате копчиња во лифтовите. И секако, средства за дезинфекција на рацете кога немате пристап до сапун и вода – вели Тити Чан, медицински работник од Хонгконг. 

Откажете ги сите патувања

– Не патувајте периодов. Вирусот се шири насекаде. Доколку се вратите од патување, самоизолирајте се за да ги заштитите другите. Ситуацијата постојано се менува, а со тоа и правилата за движење – вели Вилсон Ханг, кој се самоизолирал во неговиот дом во Тајван откако се вратил од патување во Јапонија. 

Доколку сте во карантин, не паничете

– Некои луѓе се вознемируваат откако ќе помислат дека треба да бидат сами, без контакт со други лица во текот на 14 дена. Но, на изолацијата не мора да гледате како на нешто лошо и страшно. Со правилен начин на размислување, можете да го надминете периодот, да направите работи кои не сте имале време или енергија да ги направите досега. Обидете се да правите работи кои ве прават среќни – вели Сара Арана, која помина 12 дена во карантин на крузерот „Дајмонд Принцес“, и дополнителни 14 дена во карантин во Калифорнија. 

Информирајте се постојано

– Потребно е да знаете кои мерки за заштита се донесени во вашата земја и да бидете навреме информирани. Но, нема потреба да седите постојано пред екраните. Гледајте филмови, читајте, окупирајте ги вашиот ум и мисли со други работи. Животот продолжува понатаму – вели Менди Чан.