Опасноста од згрутчување на крвта кај заболените од ковид-19 е далеку поголема отколку кај вакцинираните против оваа болест, изјави во понеделникот водечкиот словенечки епидемиолог Матеја Логар, кој го предводи стручниот совет на словенечката влада.

Додека следењето на вакцинираните покажа дека ризикот од развој на згрутчување на крвта што може да предизвика венска тромбоза или белодробна емболија со вакцината на „Астразенека“ е многу мал, или еден случај на милион вакцинирани, во Словенија сериозни тромбоемболиски компликации се јавуваат кај околу една четвртина од пациентите лекувани од ковид-19 во единиците за интензивна нега на словенечките болници, рече Логар. Таа на прес-конференција одговори на прашање во врска со недовербата создадена во јавноста во врска со вакцинацијата со вакцината на британско-шведската компанија, поради што дел од купените вакцини сè уште остануваат неискористени.

Тоа значи дека околу 40 пациенти со ковид, од вкупно 153 кои се моментално во словенечките болници, можат да сметаат на тој ризик, објасни Логар пред новинарите.

Таа смета дека од самиот почеток се направени голем број недостатоци во комуникацијата со јавноста во промовирањето на вакцината на „Астразенека“, иако е прогласена за безбедна и ефикасна од Европската агенција за лекови.