Приказни од самоизолациjа

Благи размисли во горчливо време

Во ова време на страв, насушно се потребни симболите што ја крепат надежта. Сите, дури и најмалечките нешта што го засилуваат чувството на поврзаност со сето човештво. За да не биде тоа само апстрактна мисла, туку чин и симбол. Потребни се ритуали на заедништвото, на грижата едни за други, на добрата, блага мисла за сите луѓе.Кога стравот од заразата несвесно нѐ наведува да се плашиме од близината на другиот човек, тогаш да се обединиме со него во благата мисла, во длабокото сочувство, во знаците на симпатија за него, во молитвата, секој сам во својот дом, а, сепак, заедно со сите и за сите!

Секој нека го прави тоа што смета дека најдобро може. Песнољупците нека нѐ повикуваат на песна од балконите. Активистите нека го диригираат секоја вечер од прозорците аплаузот за лекарите и за сите вклучени во борбата против епидемијата. Сите што веруваат во Бога нека се молат сега тивко дома, обединети во една молитва за целиот свет за спас на човештвото од оваа голема неволја. Така сиот свет ќе биде и храм и дом и симбол за единство!

Кица Колбе, писателка