Приказни од самоизолациjа

Да не се плаши човекот дека е жив

Искрена да бидам, првите недела-две изолацијава ми дојде како одмор од работа во рудник. Такво чувство. Како во окното да се појави светлина за надвор, а надворот е всушност внатре. Како сета непотребно потрошена енергија да ја собирам во себе и да станувам ѓоамити поспокојна. Целосно посветена на готвење, три здрави (и не толку здрави) оброци во денот, игри и измислување песнички за сите деца, а најмногу за ќерка ми… И, оп. Утрата како да стануваат редослед во космичкото треперење.Знаеш дека правиш кафе, вклучуваш лаптоп, среќен си дека и во исфлеканите пижами ти си – на работа! Каков прекрасен пресврт.

Стануваш секој ден во слично време. Работа, појадок, кратки прошетки, кашлица, маска за пред луѓе, маска за пред себе, маска за пред светот. Ма(с)ка за макање, во шопската по ручекот. Насмевки оддалеку со соседите. По третата недела, видеосредби со колеги, со пријатели, со најдобрите другарки. „На здравје“ кажано во етер и ебиветер, наместо на астал, во меана, како што прилега.
Ама некако никому не му прилега да е цело време дома, па главата почнува да ни бара излез кон надвор и соништата и мислите да добиваат поинакви димензии. Ќе можам ли на раат да ги гушкам сите по ова светско разместување? Како ќе се одржат сите планирани настани? Ќе се оди ли по свадби и погреби? Како ќе се изложуваме по изолирањево? Кога ќе заврши сево ова? Ми недостигате!

Немам одговор. Немам ни прашања веќе. Ретко гледам телевизија. Најчесто е пуштено музички канал или МТВ 1 кога има „Бушава азбука“, затоа што ќерка ми ги обожава сите букви и цело халуциногено сценарио. Денот заоѓа најчесто порано. Кога ќе дојде 18 часот, ние сме веќе како по жетва на село, подготвени да залегнеме, да си домезиме салата, да одмориме. Ноќите се полни со тишина, звуци на птици, линкови од сателити и небо што конечно е вперено во нас, наместо ние во него.
Порано 18 часот ми беше – ехеее! Има време до вечер. Планираш многу нешта во толку кратки секвенци. Телото собира вишоци. Паѓа на провокации. Нема време.
Што е време? Што значи да се има време во изолација? Значи да се остане присебен, да се гушкаат домашните. Да не се плаши човек дека е жив.