Приказни од самоизолациjа

Бах ме инспирира и во изолација

Се разбудив пред сите и, за да не правам бучава, читав книга. Вежбав околу еден час дневна техничка рутина на виолината и една нумера што сакав да ја споделам на интернет – „Бас Бах“ од мојот албум „Апасионато“, инспирирана од темата Токата и фуга од Ј.С. Бах, по повод неговиот роденден.

Оваа година се навршуваат 335 години од раѓањето на овој музички великан.
Глобалното музичко движење ,,Бах во метро“, во периодот од 19 до 25 март, ги охрабрува музичарите низ светот да изведуваат концерти на отворено и да ја доближуваат класичната музика до најшироката публика. Во вакви услови изведбите се пласираат онлајн.

Во снимањето ми помогна мојот сопруг, тоа бара време и внимание за убаво да излезе – светлина, звук, мој перформанс. Мојот сопруг Тони подготвува лекции за своите ученици, Кристијан работи онлајн, а Мартина е студентка по стоматологија, учи и најчесто ми помага во домаќинските работи. Направивме и мала прошетка на отворено низ Радишани. Никој нема на улица. Веќе стана темно и во овој период од денот сакам да учам нови работи. Денеска следев туторијал за „Гаражбенд“.

Пламенка Трајковска, виолинистка