Приказни од самоизолациjа

Во самоизолација со дете се има рутина и тоа е лековито

Мојата сестра Љупка живее со семејството во Венеција, па, така, на некој начин бев подготвена дека ехото од кај нив, за жал, ќе дојде бргу и кај нас.
Самоизолацијата кај мене иницијално разбуди потреба за архивирање на ова време-невреме. Па, така, почнав со кратки фејсбук-статуси да ги бележам најсилните доживувања од денот. Бидејќи имам малечка ќерка (4 години), неизбежно е да имаме некаква рутина. Тоа ми помага, ми влијае смирувачки, да не речам – лековито. Се будиме околу 7.30 часот наутро, а потоа додека таа го јаде својот појадок, јас пијам кафе на тераса. Потоа вежбаме. Прво вежбам јас, а таа ми ги брои сериите до „десетнаесет“ (дваесет), а потоа полесните вежби ги правиме заедно.

Слушаме музика и танцуваме. Ја вклучувам во домашните обврски и правиме забава од сѐ, дури и од собирањето штипки од исушените алишта. Во паузите меѓу редењето коцки, цртањето, готвењето за куклите, редовниот „лекарски“ преглед на сите кукли, мечиња, кучиња и цел асортиман од животинското царство, правам ручек или чистам/средувам.
Веќе неколку дена имам онлајн-часови по албански јазик, кои мене и на уште неколкумина, ни ги држи едно умно момче – Љуми Бекири. Ако успеам да украдам некоја минута додека таа е занесена во играта или ако ја убедам дека не мора и јас да ги читам нејзините книги, прочитувам понекоја страница од книга. Одлучив да ги препрочитам книгите што со силен ентузијазам ги читав во средношколските денови. Повторно го читам Кундера и се обидувам да се сетам на внатрешните доживувања што ми ги предизвикале неговите зборови пред дваесет и кусур години. Не можам да се сетам на ништо друго, освен на една силна возбуда што ја имав тогаш, како во рацете да го имав Светиот грал.

Секој ден имам неколку видеосесии со моите најдраги другар(к)и и тоа е мојот лек за овие чудни, некогаш навистина непријатни денови на самоизолација.
Секоја вечер, откако ќе ѝ ги раскажам приказните за добра ноќ на ќерка ми, себеси си ги раскажувам најубавите приказни што ми се случиле и ги замислувам оние што сакам да ми се случат.

Соња Исмаил, програмска уредничка во МКЦ и диџејка