Производителот на текстил и хемиски производи „Кубаро индустрис лтд.“ деновиве изјави дека од следната недела ќе започне со продажба на комплети за тестирање, развиени од кинеска фирма, кои можат да го откријат новиот коронавирус што предизвикува ковид-19 во рок од 15 минути, далеку побрзо од сегашниот метод.
Според производителот, овој комплет користи мал примерок од крв и реагенс и се очекува да ги намали времето и трошоците, во споредба со тестот што ја следи верижната реакција на полимеразата (ПЦР), што се користи во моментов за откривање заболување од пневмонија. Тестирањето со ПЦР трае четири до шест часа, откако ќе се собере примерок од грлото на пациентот или од други делови на телото.

– На комплетот на „Курабо“ ќе му бидат потребни само 15 минути за да ја покаже црвена линија на лентата, откако примерокот од крв од осомничен пациент ќе се измеша со реагенс на лентата. Црвената линија укажува на присуство на антитела за вирусот во крвта и позитивен резултат на тестот – велат од компанијата.
Комплетот е развиен од деловниот партнер на компанијата во Кина и веќе го користеле кинеските медицински институции. „Курабо“ планира да им ги продаде комплетите на институциите за истражување и тестирање. Еден комплет наменет за тестирање на 10 примероци чини 25.000 јени (12.974 денари) без данок.
– Комплетот ќе биде пуштен во продажба од понеделник, а за разлика од сегашните тестови за ПЦР, тој е исто така ефикасен за откривање на вирусот кај пациенти во раните фази на болеста – велат од фирмата и додаваат дека имаат цел да обезбедат доволно комплети за вкупен капацитет од 10.000 теста на ден.

Со зголемувањето на бројот на лица што се прегледуваат за вирусот, се зголемува и побарувачката за побрзо тестирање, што ги поттикнува истражувачките капацитети и фармацевтските компании да ги засилат своите напори за развој на нови методи за дијагностицирање. Производителот на прецизна опрема „Шимадзу Корп.“ изјави дека има цел да развие метод за тестирање што може да го открие новиот вирус за еден час и планира да го објави до крајот на март.
Префектурата Канагава и институтот за истражување „Рикен“, поддржан од Владата, неодамна изјавија дека тие заедно развиле метод на тестирање што може да утврди дали некое лице е заразено во рок од 30 минути.