Нов комбиниран модел што дава резултати

Ексклузивно за „Нова Македонија“ универзитетскиот професор Михал Вит за мерките што ги презема Чешка против коронавирусот

Чешка неделава најави нов и комбиниран пристап во битката со пандемијата, кој се однесува на балансирање на домашната изолација на граѓаните и нормалното економско функционирање на државата.
Овој чешки модел, според најавите, би требало да ги содржи во себе и придобивките на шведскиот обид за стекнување колективен имунитет, но и да го заштити населението од смртност, односно да содржи и дел од мерките за самоизолација што сега ги практикуваат најголемиот дел држави, меѓу кои е и Македонија.

Во меѓувреме, во изјава за „Нова Македонија“, чешкиот универзитетски професор Михал Вит вели дека, спротивно на состојбата во Македонија, каде што важат строги правила на самоизолација и се спроведува полициски час, комбинираните мерките во Чешка се активни веќе две недели.
– Луѓето може да се движат надвор најмногу по двајца. Исклучок се семејствата. Според тукашните закони, движењето е ограничено во смисла на завршување на работните обврски, но полицијата не го контролира сообраќајот и не ги принудува луѓето да остануваат дома во населените места и градовите. Полицијата не ве запира ако носите маска. На пример, ако возите велосипед со маска. Од друга страна, пак, полицијата ги казнува оние што шетаат без маски и ако се собираат во групи – објаснува професорот.

Тој вели дека животот функционира подобро и во нормални граници, а сето тоа е резултат на едно дејствување на испраќање мешани пораки од министерот за здравство Војтех Адам, премиерот Андреј Бабиш, директорот на единицата за справување со кризи одговорна за спроведување на мерките Јан Хамачек и од заменик-министерот за здравство Роман Примула, кои дадоа плод.
Раслојувајќи ги подетално состојбите во Чешка, професорот објаснува дека тамошниот министер за здравство Примула предлага постепено да се укинуваат ограничувањата за продавниците и делумно да се отворат границите (сите странци што ќе влезат во земјата да бидат во 14-дневен карантин), а училиштата да се отворат околу средината на мај. Бабиш и Војтех сакаат постепено повлекување на ограничувањата.

– Сè на сè, в четврток ќе бидат отворени хоби-маркетите и другите помали продавници. Индикаторот на репродукција (Р) на вирусот падна на 1,2 отсто, со тенденција за понатамошно намалување. Според владината стратегија за тестирање, до крајот на април се очекува да има околу 14.200 потврдени случаи. Конечната одлука ќе биде донесена по процените на репрезентативен примерок од тестирањето што ќе се изведе наредната недела, а по овој настан Чешка дополнително ќе го надгради својот постојан модел на дејствување – резимира професорот Вит.
Во контекст на актуелните случувања, за обележување се и информациите дека слични комбинирани модели на функционирање на земјите како Чешка најавуваат и Австрија и Данска.
Регионалната телевизија Н1 пренесува изјава на австрискиот канцелар Себастијан Курц, кој ја информирал јавноста дека неговата влада од наредната недела планира да спроведе намалување на рестрикциите на карантинската политика.

Според Курц, австриските власти ќе дозволат обновување на стандардното работно време на маркетите доколку во нив сите купувачи носат заштитни маски и ракавици.
Тој додал дека од наредниот месец е планирано дозволување на работа на фризерниците, рестораните и кафе-баровите, но масовно групирање на граѓаните на оваа земја ќе биде и натаму строго забрането до крајот на јули.

Новинската агенција „Ројтерс“ информира дека данските власти најавиле дека планираат да ги олеснат некои од карантинските мерки наметнати поради новиот коронавирус.
Инаку, Данска беше една од првите земји во Европа што презедоа строги мерки за да го спречат ширењето на коронавирусот.

[email protected]