Фото: Маја Јаневска-Илиева

МИКРОБИОЛОГОТ НИКОЛА ПАНОВСКИ ЗА МОЖНОСТИТЕ ЗА СПРАВУВАЊЕ СО КОРОНАВИРУСОТ

Останува да се надеваме дека бројот на заболени нема да се зголеми ненадејно и дека евентуалните нови случаи ќе бидат меѓу оние што веќе се во контролирана средина, но луѓето сепак треба психолошки да се подготват за новонастаната ситуација што произлегува од седењето дома, како и за ефектите од невообичаените околности, истакнува микробиологот проф. д-р Никола Пановски од Институтот за микробиологија во разговорот за „Нова Македонија“.
– Останува да се надеваме дека вирусот нема да се шири и дека евентуалните нови случаи ќе се јават единствено меѓу луѓето што веќе се во изолација, односно во контролирана средина. Важно е кај заразените да постои можност за утврдување на изворот. Бројот на случаи да не се зголеми ненадејно. Оптимално би било кога не би имале повеќе од 50 случаи до следната недела. Тоа би било одлично сценарио. Најопасни, пак, се неповрзаните случаи, кои на пример не патувале во странство и кај кои тешко би се откриле луѓето со кои контактирале – објаснува Пановски.
Тој посочува дека пренагласеноста на претходните епидемии како што беа МЕРС, САРС и свинскиот грип, можеби придонела за опуштена реакција од страна на луѓето при појавата на коронавирусот.
– Народот почна да губи трпение со епидемиите, па затоа и многумина се однесуваа опуштено, сметајќи дека и коронавирусот ќе помине на сличен начин, притоа, на пример, водејќи поголема сметка за бизнисите. Слично како во приказната за детето што извикувало волк, па кога се појавил волкот немало кој да му помогне – вели Пановски.
Според него, македонското здравство е подготвено за две-три илјади случаи истовремено.
– Процесот на инкубација трае приближно пет дена, со што по 14 дена веќе се мали шансите за јавување на вирусот, а ретки се случаите каде што се јавува и по 30 дена. Добро е што вирусот не се рашири во Скопје и по 16 дена откако беше одржан семинарот, односно 11 дена по пријавување на случајот со докторката Нина Цаца Билјановска, по кој околу 200 луѓе се најдоа во изолација. Можеби токму тој случај придонесе и да се активираат мерките и посериозно да се сфати ситуацијата. Според моите процени, македонското здравство е подготвено за две-три илјади пациенти истовремено. Се разбира дека сите не би биле на клиника, туку само пет отсто би биле хоспитализирани. Но добро би било да се внимава на ресурсите и тие да се чуваат за посериозните случаи – истакна Пановски.

Во ситуацијата на справување со заразата, како што вели, предвид треба да се земе и психолошкиот ефект врз луѓето, како и економските последици.
– Луѓето мораат психолошки да се подготват за седењето дома. Важно е да нема групни собирања, но може да се излегува надвор на еден-два часа, каде што нема метеж, за да се издржи целата ситуација. Луѓето треба да се подготват и за економскиот ефект, бидејќи многумина нема да одат на работа или ќе работат од дома, а треба да се постави и прашањето како фирмите ќе ги плаќаат. Сето тоа влијае на човечката психа. Има многу дилеми, многу одлуки што треба да се земат предвид – смета Пановски.

Не може да се претпостави што ќе се случува со заразата, која, според Пановски, би можела да стивне, но потоа и пак да се јави.
– Веќе се испитуваат лекови, со што би можело да дојде до успех во насилното справување со вирусот. Вакцината би можела да се појави до 2021 година. Епидемијата би можела да стивне до лето, но и, пак, да се појави наесен. Не може да се процени како ќе се одвива ситуацијата. Во случаи на зараза, населението постепено станува имуно и вирусот губи сила, додека при ригорозни мерки постои можност населението да остане осетливо, а со тоа и подложно на слични вируси и во иднина – заклучува Пановски.