Британските невролози објавија нова студија во која посочуваат дека коронавирусот може да направи сериозно оштетување на мозокот и централниот нервен систем, предизвикувајќи психоза, парализа и мозочни удари, кои честопати не се откриваат сѐ додека не е предоцна, пренесува „Дојче веле“. 

Постојат бројни знаци дека новиот коронавирус не само што ги напаѓа белите дробови и респираторниот систем, туку тој напаѓа и голем број други органи, како што се срцето, бубрезите, кожата и нервите.

Студијата открија детали според кои кои САРС-КоВ-2 може да предизвика сериозно оштетување на мозокот дури и кај пациентите кои се со лесни симптоми на болеста, или пак кај оние кои се во фаза на опоравување. Честопати, ваквите оштетувања се откриваат многу доцна или воопшто не се забележуваат.

Невролозите на Универзитетскиот колеџ во Лондон дијагностицирале акутен демиелинентен енцефаломиелитис (АДЕМ) кај повеќе од 40 пациенти со ковид-19. Оваа воспалителна болест предизвикува дегенеративно уништување на централниот нервен систем, влијае на миелинските обвивки на нервите во мозокот и ‘рбетниот мозок.

– Научниците досега не забележале ниеден друг вирус вака да го напаѓа нервниот систем како што тоа го прави ковид-19. Она што е невообичаено е силното оштетување на мозокот што вирусот го предизвикува дури и кај пациенти со благи симптоми – вели Мајкл Занди, кој е водечки автор на студијата.

Симптомите кај пациентите биле различни. Дванаесет од нив страдале од воспаление на централниот нервен систем, десет од преодна енцефалопатија со делириум или психоза, осум од мозочни удари и уште осум од проблеми на периферните нерви. Ова е имунолошка реакција која ги напаѓа нервите и предизвикува парализа и е фатална во 5 отсто од случаите. Како резултат на тоа, 59-годишна жена почина од компликации.

Досега е познато дека ковид-19 предизвикува долгорочни здравствени проблеми кај некои пациенти. Многу од нив остануваат без здив и чувствуваат умор долго по нивното закрепнување. Други пациенти кои се опоравуваат од вирусот страдаат од вкочанетост, слабост и проблеми со меморијата.

– Биолошки, АДЕМ има некои сличности со мултиплекс склероза, но таа е потешка и обично се јавува само еднаш. Целосниот спектар на заболувања на мозокот и долготрајните несакани ефекти сѐ уште не се целосно испитани затоа што многу пациенти во болниците се со тешки симптоми за да бидат прегледани со скенери или други методи – објаснува Занди.

Занди побара од медицинските работници ширум светот да обрнат повеќе внимание на ваквите компликации предизвикани од коронавирусот.

– Лекарите и медицинскиот персонал секогаш треба да се консултираат со невролог за пациенти со когнитивни симптоми, проблеми со меморијата, замор и вкочанетост – вели Занди. 

Британските невролози стравуваат дека последиците од коронавирусот допрва ќе бидат воочени во иднина. Според студијата, слични долготрајни ефекти биле откриени кај опоравените од „Шпанската треска“ во 1918 година, поради која се верува дека еден милион луѓе претрпеле оштетување на мозокот.