Холандски научници откриле недостаток на витамин К кај пациенти кои починале од последиците на ковид-19 или биле примени во одделот за интензивна нега со дијагноза на болеста, што предизвикува надеж дека промената во исхраната може да придонесе за борба против оваа болест.

Лекарите кои го проучувале развојот на болеста кај пациенти заразени со коронавирус во болницата во холандскиот град Нијмеген, откриле врска помеѓу недостаток на витамин К во организмот и смртта од последиците на ковид-19, пишува „Гардијан“.

Ковид-19 предизвикува згрутчување на крвта, што резултира во распаѓање на еластичните влакна во белите дробови, а витаминот К, кој се внесува преку храна и се апсорбира во гастроинтестиналниот тракт, е клучен за производство на протеини кои го регулираат згрутчувањето, па би можел да ги заштити пациентите од развој на потешка болест на белите дробови.

Холандските истражувачи ја доставиле студијата на преглед и сега бараат средства за започнување на клиничко испитување.

Доктор Роб Јансен, научник кој работи на проектот, вели дека, со оглед на првичните резултати од студијата, ќе поттикне што е можно поголемо внесување на витамин К, со исклучок на пациенти кои се на терапија со лекови за згрутчување на крвта, како што е варфарин.

– Витаминот К1 се наоѓа во спанаќ, брокула, зелен лиснат зеленчук, боровинки и сите видови овошје и зеленчук. Телото го апсорбира К2 подобро, а го има во изобилство во холандски и француски сирења, т.е. тврди сирења и сирења со мувла – вели тој.

Истражувањето беше спроведено во соработка со Институтот за кардиоваскуларни заболувања во Мастрихт, еден од најголемите европски институти за истражување на кардиоваскуларни заболувања. Истражувачите ја испитувале состојбата и развојот на болеста кај 134 пациенти хоспитализирани за ковид-19 помеѓу 12 март и 11 април, заедно со контролна група од 184 постари пациенти кои не биле заразени со коронавирус.

– Нашата намера е случајно да избереме пациенти заболени од ковид-19 и да им одредиме плацебо терапија или терапија со витамин К, која е многу безбедна за употреба кај општата популација. Ќе им дадеме витамин К во високи дози што ќе активираат протеини толку важни за заштита на белите дробови и ние ќе се обидеме да утврдиме колку е ефикасен – рече коавторот на студијата, д-р Џона Вок.