Проф. Николас Гвоздев

Професорот по национална безбедност од американскиот Военопоморски колеџ во Њупорт, Николас Гвоздев, ја анализира новонастанатата ситуација во Алијансата, како резултат на пандемијата на ковид-19. Ја пренесуваме анализата во три продолженија

Ширењето на вирусот го „воскресна“ и миграцискиот проблем. Заканата од бегалци повеќе не се смета за проблем што би можел да ги поттикне тероризмот и економскиот притисок – на мигрантите сега се гледа како на потенцијални преносители на коронавирусот и други болести. Додека во минатото дискусиите за мигрантските бранови се вртеа околу одбраната на националните особености и општите карактеристики на европската благосостојба, сега сѐ потешко се игнорира фактот дека тешко контролираните бегалски раздвижувања прераснаа во голем ризик за јавното здравје.
Соочени со изборот: дали да ги распоредат своите средства за блокирање на каков било руски упад на исток или да ги засилат своите капацитети за попречување на мигрантските текови, повеќето од членките на НАТО би можеле да се решат за втората опција.

Стравот од заразен бегалец сега може да создаде поголем неспокој од помислата на „малите зелени човечиња“ што се појавуваат од никаде за да ја запленат Земјата. Иако е рано да се каже, пандемијата може да предизвика промена во стратегиската географија на НАТО од источнозападна во северојужна оска – со тоа, фокусот на воените трошоци и подготвеноста за одбрана да се пренасочат од исток кон зоната на Медитеранот.

Нарушена перцепцијата за единството

Еден од трендовите што може да го забрза ширењето на коронавирусот е губењето на внатрешната кохезија и солидарноста меѓу сојузниците во Алијансата.
Непосредно пред ерупцијата на ковид-19 во западните земји, се објавија резултати од релевантно истражување за тоа како гледаат на НАТО жителите на земјите-членки. Ова се главните заклучоци од истражувањето: постои општа колебливост во однос на исполнувањето на колективната одбранбена заложба, наведена во член 5 од основачкиот акт на Алијансата.
Запрашани дали нивната држава треба да брани некоја од другите членки на НАТО во случај на напад од Русија, 50 отсто од граѓаните во 16 држави-членки сметаат дека тоа не треба да се прави, во споредба со 38 отсто, кои изјавија дека нивната држава треба да ги брани своите сојузници од секаков руски напад.
Единството во рамките на Алијансата се соочи со дополнителен потрес поради кризата во Идлиб – кога излезе на виделина дека НАТО-сојузниците на Турција не се целосно подготвени да ѝ дадат бланко-согласност на Анкара за соочување со Русија на територијата на Сирија.

Ист е случајот и со последователната одлука на Турција повторно да дозволи премин за бегалците и мигрантите преку турска територија, за да можат тие да стигнат до земјите на ЕУ. Според гледиштето на Турција, таа нема потреба да изигрува помошник на европските држави. Од безбедносна гледна точка, со ставот дека не треба да спречува конфронтации туку да ги поттикнува, Алијансата сериозно ја загрозува безбедноста на своите воени сојузници.
Јасно е дека коронавирусот не е директен причинител за ваквата ситуација, но тој дополнително ја нагризува довербата во прокламираната солидарност, со која церемонијално завршува буквално секој самит на НАТО. Во изминатиов месец, додека вирусот се ширеше низ целиот свет, сојузниците на НАТО и на ЕУ беа сведоци за тоа дека нивните партнери трупаат резерви на опрема и медицински материјали.
Згора на тоа, затворени се меѓудржавните граници во рамките на Алијансата – не само помеѓу членките на НАТО и на ЕУ туку се донесени и забрани за патување преку Атлантикот.

Пекинг умно профитираше

Перцепцијата дека САД се подготвени да продолжат сами во борбата за сопствена благосостојба, без притоа да се грижат за најблиските сојузници, уште повеќе го засилува трендот на поделби; од друга страна, Европејците, пак, сметаат дека нивната страна од Атлантикот мора да е подготвена за „раскинување“ со Вашингтон ако сакаат да останат безбедни. Патем речено, пораките во врска со коронавирусот што ги добиваат од Вашингтон дополнително долеваат „масло на огнот“.
Во меѓувреме, Пекинг умно профитираше во однос на својот јавен имиџ, откако реши да испрати помош за опустошените од вирусот Италија и Шпанија, за разлика од првичниот недостиг од конкретна поддршка од страна на западните партнери на Рим и на Мадрид.

Додека ЕУ падна под удар на остри критики од светската јавност, САД не ја искористија можноста да го употребат НАТО за обединување на сојузниците во борбата против вирусот, па сега Италија оправдано го чувствува Пекинг за свој поблизок соработник. Следствено на тоа, се создаде една општа перцепција дека западната солидарност крена раце од Рим тогаш кога најмногу му требаше.
Настрана од политичката перцепција дека НАТО не го положи тестот на солидарност, реалноста на пандемијата ја доведува во прашање оперативната основа на неговата мисија: способноста цврсто да ги распореди своите сили да запрат или да потиснат секаква можна инвазија или упад. Ако прв резултат од пандемијата беше поттикнување на државите да ги повлечат своите национални контингенти од прекуокеанските мисии за да се концентрираат на домашен фронт, тогаш вториот се состои во нивна зголемена колебливост да испраќаат или да примаат војници поради стравот дека тие може да ја шират заразата.

Така, Норвешка ја одложи регионалната воена вежба „Студен бранител“, која требаше да се одржи во март 2020 г., поради загриженост од влез на надворешните воени трупи, додека други земји, како на пример Финска, се двоумеа во однос на испраќањето свои војници.

(Продолжува)