Што е неопходно да се знае за коронавирусот

3878
Фото: Игор Бансколиев

Вирусот останува 30 минути во воздухот, но сега се знае дека првите симптоми се појавуваат најчесто до пет дена по заразата

Заразата со новиот коронавирус се прошири од Кина во целиот свет. И додека во Кина бројот на новозаболени секој ден е сѐ помал, ширењето на ковид-19 се распламтува во други земји, како што е Италија, која целата стана карантин. Од првата појава на новиот коронавирус научниците и докторите мораа секој ден за него да се стекнуваат со нови сознанија. Иако вирусот сѐ уште не е победен, сепак за него сега се знае многу повеќе – како се пренесува, колку долго може да преживее надвор, колку е поопасен од вирусот на грип, колку видови има… Сите тие нови информации им помагаат на научниците во пронаоѓањето вакцина против тој вирус, но и за да им дадат корисни информации на луѓето како најдобро да се заштитат од заразата, односно како да постапат ако имаат симптоми од таа болест. Ви ги пренесуваме најновите сознанија за вирусот:

1. Вакцина против новиот коронавирус уште не е откриена, но на тоа се работи многу интензивно
Низ светот детално го истражуваат вирусот и ги споделуваат релевантните информации, што им помага на компаниите, кои имаат технологија да произведуваат нови вакцини. Притоа никој не може да каже кога тие вакцини ќе бидат достапни, бидејќи пред сѐ треба да се направи вакцина, која наедно ќе штити, но и нема да направи дополнително загрозување на здравјето на пациентот.

2. Ковид-19 останува во воздух најмалку 30 минути, а на пластика може да преживее и повеќе од девет дена
Германските научници од универзитетот „Грајфсвалд“ докажаа дека вирусот на алуминиум престанува да биде заразен по два до осум часа, а на други метални површини преживува пет дена. Најдолго може да преживее на пластика, од која заразата може да се пренесе и по девет дена. Според истражувањето на кинеските епидемиолози, објавено во научни списанија, ковид-19 останува во воздух најмалку 30 минути и се пренесува на оддалеченост од приближно 4,5 метри во затворени простории. Истражувањата потврдија дека ковид-19 може да се пренесе и ако лицето дојде во контакт со предметот на кој се наоѓа вирусот, односно ако го допирало заразено лице.

3. Кинезите и Јапонците развија брзи тестови, кои за 15 минути даваат одговор дали некој е заразен со вирусот
Во Кина, Италија и Јапонија се користат 15-минутни тестови на крвта на новиот вирус. Брзиот тест се изведува така што се зема капка крв од боцнат прст, а според некои извори тој тест ја покажува сериозноста на коронавирусната инфекција кај пациентот дури и во случаите кога тој не покажува симптоми на болеста.

4. Сите заразени со коронавирусот не мора да ги имаат симптомите на болеста, а можат да бидат заразни за другите
Вирусот е детектиран и кај луѓето што немале никакви симптоми. Познати се повеќе вакви случаи во досегашната практика. Меѓу достапните такви примери е и оној опишан во истражувањето во кое е наведено дека 19 пациенти од исто семејство се хоспитализирани поради температура и респираторни проблеми, по контактите со членка на семејството што немала никакви симптоми, а дошла од Вухан, градот од кој тргна епидемијата на коронавирус. Таа, пак, останала без симптоми за цело време, т.е. идните 19 дена од клиничкото набљудување.

5. Се претпоставува дека инкубацијата од 14 дена е доволна за појава на симптоми на инфекцијата
Две недели самоизолација или две недели карантин се практика во повеќето земји за луѓето за кои постои можност дека биле во контакт со овој вирус. Тоа не е научно докажано во овој момент, туку заклучокот се води според вообичаената практика врз основа на знаењето за однесувањето на вакви респираторни вируси. Досегашните истражувања на коронавирусот ги потврдија исправноста и оправданоста на изолацијата или карантинот од 14 дена.

6. Лекувањето од коронавирусот е симптоматско
Лекувањето на коронавирусот е симптоматско, што значи дека се ублажуваат симптомите на болеста, кои се индивидуални, при што се нагласува дека кај повеќето луѓе се благи или умерени. Болка во грлото, зголемена телесна температура, болки во мускулите, се вообичаените симптоми на инфекцијата заради која честопати болеста се споредува со грипот. Единствено достапно лекување, како и кај другите такви инфекции, е да се намалат симптомите со лекови против болка, против температура, со надоместување на течностите итн.

7. Лековите за ХИВ и ебола може да помогнат кај коронавирусот
Лекарствата што се користат во терапијата на ХИВ и ебола се покажаа во одредена мера ефикасни кај оваа инфекција, што не значи дека за неа постои лек. Во различни земји поинаку се толкува кога некој се смета за излечен. Европскиот центар за контрола и превенција на болести за излечен го смета пациентот по два едноподруго негативни теста во рок од 48 часа, а притоа советува да се земе предвид изостанок на симптоми на болеста и строга изолација од 14 дена по отпуштањето од лекување.

8. Во Кина новиот коронавирус се ширеше првенствено меѓу членови на семејството и блиските контакти, а помалку на јавни места
Пренесувањето на новиот коронавирус во Кина, од каде што и тргна заразата и која има најмногу заболени, се случи меѓу членови на семејството и блиските контакти. Ширењето на вирусот во заедницата беше помалку вообичаено. Тие податоци ги изнесе Марија ван Керхове, раководителка на Одделот за болести и зооноза на Светската здравствена организација. Според нејзините зборови, новиот коронавирус не циркулира во заедницата, дури ни во подрачјата со најголема зачестеност во

9. Не се знае дали топлото време ќе го сузбие ширењето на коронавирусот
Научниците се внимателни со тврдењето за влијание на временските услови врз коронавирусот. Никој со сигурност не тврди дека коронавирусот, кога ќе се затопли, ќе исчезне или, пак, неговото распространување, со високите температури, ќе се намали.

10. Коронавирус или грип: што е поопасно
Ковид-19 се опишува како болест најслична до грипот и постојано се менува процената дали новиот коронавирус е поопасен од вирусот на инфлуенца, од кој годишно во светот умираат меѓу 250 и 650 илјади луѓе. Многумина починати чија смрт индиректно ја предизвикал вирусот на грип, како на пример кај хронично болните луѓе, се бележат како починати од тие хронични болести, па вистинската смртност предизвикана од грип би била и поголема кога тоа би се земало во предвид.

11. Два вида коронавирус
Додека Светската здравствена организација (СЗО) има страв дека нема докази дека вирусот се менувал, кинеските научници тврдат дека станува збор за два вида вирус. Тие издвоиле тип Л во 72 испитани случаја и тип С во 29 случаи. Сметаат дека типот Л, најверојатно, настанал од постариот тип С, кој е создаден по преоѓањето на вирусот од животните на луѓето.

12. Смртноста од коронавирус е мала и се движи од 0,5 до 1 отсто
Колку е всушност смртоносен новиот коронавирус? СЗО објави податок дека околу 3,4 отсто од заразените починаа. Но некои експерти укажуваат дека таа бројка е преголема и вистинската смртност се движи од 0,6 до најмногу 1 отсто.

13. Некои пациенти се прогласени за здрави, но и натаму се позитивни на коронавирус
Некои пациенти оздравиле, но потоа повторно била утврдена присутноста на коронавирус во нивниот организам. Можно е тие да биле прерано отпуштени од болница. Имено, пациенти се сметаат за здрави ако брисевите не покажуваат присутност на вирус двапати по ред во 48 часа.

14. Повеќе се заразени стари отколку млади лица
Според податоците на италијанската цивилна заштита, со коронавирус во таа држава се заразени 43 деца до 9 години, што е 0,05 отсто од вкупно заразените. На возраст од 10 до 19 години се заразени 85 лица, а 296 од 20 до 29. Колку се постари лицата, толку е поголема бројката на заразени.