Приказни од самоизолациjа

258

Добро ѝ дојде и на планетава малку одмор од луѓето

Новогодишниот план за годинава ми беше: помалку патувања, повеќе работа во студио, седење дома, читање, работа на филмови и нови сценарија. Како да чекаше ѓаволот зад аголот па веднаш ми ја исполни желбата, се затворија сите граници, карантин, полициски час.

Но за разлика од повеќето затворени во четири ѕида што шетаат од спална до дневна и тераса и времето го користат за работа на себеси, за преиспитување, за себеосознавање, за станување подобри личности, за справување со животните предизвици, јас живеам на село, во скопско Кучково, затворен во голем двор и времето го поминувам во бавча, со мотика.

Вирусот не можеше во подобар период од годината да се појави, напролет, време за копање, садење, расадување. Добро ѝ дојде и на планетава малку одмор од луѓето, да здивне од нивното расипништво и од трката по профит, не водејќи никаква сметка за природата. И да не ми недостигаа дружбите со пријателите, кафеаните, јога со групата и, секако, берберот, ќе посакав состојбава да трае подолго.