Приказни од самоизолациjа

1614

Секојдневието ми е ставено во лер

Изолацијата главно ја минам мрзливо и со голема доза немукает. Јас сум човек што во своето тефтерче има чек-листа од десетина и повеќе секојдневни обврски, па овој полицискиов час малку повеќе ми ја нарушува рутината на која сум навикнат. Секојдневието ми е ставено во лер. Главно ми се состои од работа од дома, читање и играње со син ми Исак (една и пол годинка). На факултет ја завршивме колоквиумската недела и сега сме во априлска испитна сесија. Испитите ги спроведувам електронски, на видеоконференциска врска. Но и покрај електронското учење, сметам дека предавањето и полагањето во живо се евергрини и никогаш нема да излезат од мода! Има таму посебна привлечност.

Телевизија не гледам (освен Бејби ТВ – по службена должност, нели, и понекогаш некој историски документарец). Со Президиумот на Левица седниците исто така ги одржуваме електронски. Се координираме за тековните обврски, оти изборите се ставени на стендбај. Периодов најактивен ни е Трудово-правниот сектор, кој им помага на стотици избркани работници за време на кризава и ги објавува во јавноста работничките неправди.
Што се однесува, пак, до читањето книги – читам и по неколку истовремено. Така не ми стануваат здодевни. Претежно читам стручна литература од повеќе области на јавното право, а во последно време сакам да читам и мемоари и писма. Белетристика не читам. Инаку, со години не сум член на ниту една библиотека. Се отчленив уште како студент – оти не ми одговараат правилата. Јас кога читам чкртам по книгите. Ако на ја исчкртам, ко да не сум ја ни прочитал. Затоа книгите сам си ги купувам уште како средношколец и досега имам собрано солиден библиотечен фонд.

Конечно, од физичка активност знам да извежбам малку јога (порано идев редовно на часови, ама сега ептен забушавам). Навечер обично медитирам со музика – во карантинов убаво ми дојдоа арапска ортодоксна и дервишка суфи-музика што ми ги има дадено другар ми Хактан Баба. Поради тоа што имам проблем со повреда на коленото, наместо планинарење – како порано – сега преферирам возење точак офроуд. Многу ретко ја возам колата низ град.

Не оти е на жена ми, туку затоа што сакам секојдневните урбани активности да ги завршувам возејќи точак. Шофер сум најчесто за меѓуградски превоз Скопје – Велес (кога одам да ги посетам родителите и сестра ми со внукот) или Скопје – Штип (кога одам на работа или кај роднините на сопругата).