Приказни од самоизолациjа

393

Овој блиц-поглед зад завесата е бесценет

Времето на изолација и затворање излезе дека е време на рефлексија, осознавање и отворање. Додека бевме во светот – циркулиравме и комунициравме, не ги сеќававме ниту препознававме благите пецкања, чудните струи и меандри, кои под привидот на заедништво нѐ правеа бессилни и затворени и без да знаеме. Живеевме навидум исполнети, социјализирани, уважени и здружени, ама суштински дехидрирани ем блиндирани. А ништо не ги пробива блинд-оклопот и бесмислата освен добра доза адреналин, кој влече ли влече…

Е, сега застанавме. Сакале или не – ги прередивме приоритетите. Стравот, грижата и болката се реални. Топлината се чувствува оддалеку, исто како и студенилото и индиферентноста. Дел од она што било завиткано во обвивка на пријатност, симпатичност, жовијалност, засмрдува на расипан квасец. Нешто што без да трепнеме, сме фрлиле на буниште – сѐ уште мириса на мајска роза.
Апсурдите на животот го досегнуваат својот врв во екот на пандемијата. Одненадеж се затекнувате како инстинктивно се движите кон она што ви е суштински важно – до својата срцевина и луѓето што ги носите во себе.

Во целата оваа врволешница, се делиме од некомпатибилностите како масло од водата.
Кога сево ова ќе стивне, центрифугата на животот одново ќе нѐ измикса во една навидум компактна целина. Но овој мал дистрес, овој блиц-поглед зад завесата – е бесценет.

Мимоза Петревска, новинарка