Прашањето за безбедноста на рестораните ја измачува и Америка

359

Пред неколку месеци, да одлучите каде ќе јадете беше едноставна работа. Но, по настапувањето на корона-кризата, ваквите одлуки, заедно со сите одлуки кои ги правиме во текот на денот, станаа далеку покомплицирани. Рестрикциите за движење почнаа да се олабавуваат во повеќето земји низ светот. На некои ресторани им е дозволено да ги отворат своите трпезарии за посетителите, но со одредени правила и регулативи, пренесува „Њуз обзервер“.

Враќањето во рестораните подразбира враќање во некој вид на нормала. Покрај тоа, враќањето на посетителите во рестораните е клучно за нивната финансиска состојба. Но, дали одењето на романтична вечера во ресторан е навистина безбедно? Експертите велат дека целосна безбедност не е гарантирана никаде, барем не во скоро време.

– Интеракција со лица надвор од вашиот дом секогаш ќе претставува ризик, барем додека да биде откриена вакцина – вели д-р Амеш Адалја.

Покрај ветувањата на дел од светските лидери, за откривањето на вакцина може да  бидат потребни години. Според Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), најбезбеден начин да дојдете до храна е преку достава, или преку личното подигање на храната од рестораните. 

Ризикот од зараза е зголемен кога престојувате во рестораните, а масите не се одделени барем два метра. Највисок степен на ризик постои кога нема ограничувања на капацитетот во рестораните или доволно растојание на масите. 

– Колку повеќе некој комуницира со другите во ресторанот и колку подолго трае таа интеракција, толку е поголем ризикот од заразување со ковид-19 – се вели во упатствата на ЦДЦ за рестораните.

Пред да посетите одреден ресторан, проверете ги мерките кои истиот ги преземема

Потребно е да се види какви мерки на претпазливост презема ресторанот пред да одлучите да го посетите. Добра идеја е да ги прашате вработените, или да проверите онлајн какви мерки за заштита и претпазливост тие воспоставиле во ресторанот.

– Ресторан кој изгледа потполно исто како пред корона-кризата не би бил ресторан во кој сакам да одам – изјави Бенџамин Чапман, професор и специјалист за безбедност на храна на државниот универзитет во Северна Каролина. 

Метежите во рестораните, исто така се знак дека тие треба да се избегнуваат. 

– Доколку ресторанот е полн, има многу метеж на неговиот влез или има значителна интеракција помеѓу персоналот и клиентите без да се одржува потребното растојание меѓу нив, тогаш очигледно тие не работат во режим дизајниран за да спречи пренесување на вирусот – вели Крег В. Хедберг, професор за јавно здравје на Универзитетот во Минесота. 

Голем проблем, исто така, е недостатокот на употреба на маска за лице. Маските треба да се носат во рестораните, но тие треба да се извадат за да јадете, а ресторан со голем број клиенти што не ги покриваат нивните лица не е идеален за посета.

Други фактори кои треба да ги земете превид

Одлуката дали да јадете во ресторан, сепак, е ваша, но треба да земете предвид и други фактори. Еден од нив е зголемувањето на бројот на заболени во ваша близина. 

– Доколку секојдневно слушате дека има нови случаи во вашиот град или област, тоа е показател дека има голема шанса и вие да се заразите доколку посетите некој јавен објект – вели Хедберг. 

Секој со симптоми и секој што стапил во контакт со некој што го има вирусот треба секогаш да остане дома и да се изолира, смета тој. Исто така, оние кои се хронично болни треба да избегнуваат да излегуваат. 

– Ова не е ситуација во која не постои никаков ризик. Хронично болните лица треба да бидат постојано претпазливи – смета Елизабет Карлтон, професорка за јавно здравје во Колорадо. 

На крај, најважно е да се запрашаме, дали уживањето во подготвената храна ни е поважно отколку ставањето во опасност на самите нас, нашите блиски, но и на вработените во ресторанот.