Уште 250.000 дози вакцини „спутник В“ пристигнаа синоќа во Србија, и тие веднаш беа транспортирани до Институтот Торлак, изјави Ненад Поповиќ, министер во српската влада и претседател на Меѓувладиниот комитет за соработка со Русија.

– Вакцините беа доставени во Србија од фабриката Генериум во Владимирскиот регион – рече Поповиќ.

Тој посочи дека руската вакцина „спутник В“ има потврдена ефикасност од над 97 проценти.

– „Спутник В“ е одлична и како бустер-вакцина, односно како трета доза од вакцината за граѓаните кои претходно примиле две дози од која било вакцина – рече министерот Поповиќ.

Според него, вакцините ќе бидат дистрибуирани до центрите за вакцинација низ Србија што е можно поскоро.