Архивска фотографија / Фото: Игор Бансколиев

За патување во Грција, од утре, повеќе нема да биде потребно да се пополнува формуларот ПЛФ, што веќе 20 месеци беше задолжителен документ за влез во земјата, а важеше и за државјаните на Македонија кои патуваат кај јужниот сосед, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за туризам на Грција, Василис Кикиљас пред десет дена соопшти дека „по препорака од Комисијата на епидемиолози од Министерството за здравство, од 15 март 2022 година се укинува пополнувањето на формуларот ПЛФ за сите посетители од сите земји за влез во Грција“ и додаде дека укинувањето го олеснува процесот за влез на туристи и акцентот ќе биде на контролата на сертификатите.

Измените се вклучени и во последната министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за ограничување на ширењето на ковид-19“ што е во сила до 21 март 2022 година, а како што веќе објави МИА минатата седмица, предвидува дека „сите патници во Грција, без разлика на националноста и начинот на влез во земјата до 14 март 2022 година, го пополнуваат електронскиот формулар ПЛФ“.

Задолжителното пополнување на ПЛФ формуларот, Грција го воведе на 1 јули 2020 година кога по првиот бран на ковид-19 и првиот карантин постепено почна да ги отвора границите за странски државјани.