Весникот Ноје Цирхер Цајтунг (НЗЗ), на почетокот на анализата од дописникот на Југоисточна Европа, Волкер Пабст, истакнува дека до неодамна, Србија важела за земја со најголема стапка на вакцинација против коронавирус во Европа (покрај Велика Британија).

Но, во меѓувреме, кампањата, како што се наведува во текстот, постепено забавува. Како главна причина се посочува недовербата на граѓаните кон вакцинацијата. Тоа е и една од причините за отворање на српската програма за вакцинација за граѓаните од соседните држави.

– Фактот што Србија ја отвори својата програма за вакцинација за странци во март, покрај ПР-ефектот, е поврзан и со вишокот на вакцини. Во тоа време, само една четвртина од возрасните српски граѓани се пријавиле за вакцинација – пишува НЗЗ во своето понеделничко издание, а пренесува „Дојче веле“.

Исто така, се посочува дека кампањата станала толку тешка што претседателот на Србија, Александар Вучиќ, сега ги наградува сите оние што ќе решат да се вакцинираат со по 3.000 динари (околу 25 евра), што е околу една десетина од минималецот. НЗЗ наведува дека не е подобро ниту во соседството и посочува за тоа како властите во Република Српска во БиХ, телефонски ги повикуваат оние кои сè уште не се вакцинирани. Но, и тоа не е успешно.

– Една лекарка од Бања Лука сведочи дека од петмина повикани граѓани само еден одговорил на повикот за вакцинирање – пишува НЗЗ.

Слично е и во Косово и во Северна Македонија. Весникот се повикува и на анкета од агенцијата „Галуп“ која покажува дека, со исклучок на некои земји настанати од распадот на Советскиот Сојуз, ниту еден дел од светот не е толку скептичен за вакцинацијата против коронавирус како Источна и Југоисточна Европа.

– Во Босна и Херцеговина и Унгарија, само тројца од десет испитаници би примиле вакцина. На Косово 32 проценти, во Бугарија 33 проценти. И во Албанија, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, Романија и Чешка помалку од 40 проценти од луѓето се подготвени да бидат вакцинирани – се наведува во истражувањето.

НЗЗ наведува дека испитувањето било спроведено во 2020 година, кога многу малку се знаело за вакцините. Но, сепак во текстот додава: „Оттогаш, довербата порасна во многу делови на светот, но не и во Југоисточна Европа“.

Овој скептицизам кон државните кампањи за вакцинација, авторот го поврзува со недовербата кон државата што датира од социјалистичкиот период, со посебен акцент на маргинализираните групи на населението, како што се Ромите.

Но, уште поголема улога во создавањето недоверба, според НЗЗ, се припишува на посебната подготвеност на жителите од овој дел на Европа да ги прифатат различните теории на заговор поврзани со вакцинацијата. Според извештајот на групацијата The Balkans in Europe Policy Advisory Group (BiEPAG) во САД и Западна Европа е забележана подготвеност за прифаќање на теории на заговор во врска со вакцините кај максимум 25 проценти од населението. Во исто време, оваа вредност во земјите од Југоисточна Европа некаде е и двојно поголема.

– Повеќе од 60 проценти од анкетираните веруваат дека фармацевтската индустрија придонела за ширење на вирусот, а скоро половина веруваат во вмешаноста на Бил Гејтс или американската воена индустрија – вели истражувањето.

Според весникот, геополитичка поларизација е видлива и во фактот што мнозинството жители на Република Српска ја претпочитаат руската вакцина „Спутник в“. На Косово, пак, владата категорично ги отфрла вакцините од Русија и Кина од политички причини затоа што Москва и Пекинг не ја признаваат независноста на поранешната српска покраина.

Медиумските кампањи што би помогнале да се спречи ширењето на теории на заговор се попречени, според НЗЗ.

– Скоро и да нема медиуми кои би се спротивставиле на социјалните мрежи преку кои се шират претежно лажни информации… Во авторитарните земји како што се Србија и Албанија, но и членки на Европската унија како Бугарија, преовладуваат сензационалистички, владини, масовни медиуми, кои често придонесуваат за ширење лажни информации – се наведува во текстот.