Владата на Храватска синоќа на телефонска седница донесе одлука за вонредни мерки за итна контрола на цените за одредени производи, меѓу кои и основни прехранбени производи, средства за хигиена, заштитна облека, медицински материјали и слично.

На списокот се вклучени брашно, млеко, млеко во прав, јајца, шеќер, сол, ориз, тестенини, свежо месо, риба, овошје и зеленчук, конзервирано месо, конзервирана храна, масло за јадење, храна за бебиња, пелени за бебиња, вода за пиење, детергент за алишта, детергент за миење садови, сапун.

Мерките се применуваат и на средства за дезинфекција на вода, простор и раце (вклучувајќи концентриран алкохол), заштитни комбинезони и друга заштитна и медицинска облека и обувки, очила и стакло, безбедносни ракавици, заштитни маски – хируршки, респиратори/транспортни вентилатори, лекови и медицински производи, како и постелнини и облека за здравствениот систем, се вели во соопштението, пренесе „Хина“.

Целта на таа одлука е да се спречат негативните ефекти од промените во индивидуалните цени на производите во околности на епидемија предизвикана од коронавирусот.

Највисока цена се смета за цената што производите ја имаа на 30 јануари оваа година, кога Светската здравствена организација го прогласи Ковид-19 за јавноздравствена закана од меѓународно значење, се вели во соопштението.

Одлуката го овластува министерот за економија и трговија да ја ограничи нивната продажба надвор од територијата на Република Хрватска во случај на недостиг на наведените производи.


Во Хрватска уште седум лица заболени од коронавирус

Во Хрватска се пријавени седум нови случаи на коронавирус, објави министерот за здравство Вили Берош на прес-конференција утрово.

Сите новозаболени имаат лесни симптоми, а нивните контакти се проверуваат.

Во Хрватска досега се потврдени 46 случаи на заболени.