Ангел Митревски,
наш специјален известувач од Сплит

Вчера во 15 часот, пред новинарите во Сплит, Хрватска, обраќање имаше докторката Тинка Видовиќ, 30-годишна сплиќанка за која се претпоставува дека можеби го нашла лекот за коронавирусот. Нашиот специјален известувач стапи во контакт со неа и со нејзиниот ментор Мирослав Радман, кој раководи со Медитеранскиот институт за истражување на животот. Докторката Тинка Видовиќ прекуноќ стана позната, откако со своето истражување ја утврди можноста за користење на валпроичната киселина како потенцијален лек за ковид-19. За тој труд, таа веднаш доби високо меѓународно признание од американската компанија „Сејџ-хелт“.

– Моментално лекот се користи против епилепсија и биполарно нарушување, како и против ХИВ. За примена кај коронавирусот не сум сигурна, но знам дека во тек се дополнителни испитувања – ни изјави во своето обраќање и пред новинарите во Сплит, докторката Тинка Видовиќ, 30-годишна сплиќанка за чиј пронајдок има голема веројатност дека може да биде лек за коронавирусот.

За пошироката јавност таа стана позната откако со своето истражување ја утврди можноста за користење на валпроичната киселина како потенцијален лек за ковид-19, со што освои високо признание на меѓународниот натпревар во организација на американската компанија „Сејџ-хелт“. За значењето на натпреварот, зборува податокот дека во првите 48 часа Американците примиле повеќе од 170 пријави од разни научни центри од целиот свет.

Според Видовиќ, најзначајниот резултат од овој натпревар е всушност податокот дека валпроичната киселина би можела да дејствува позитивно против коронавирусот, затоа што тоа е лек веќе одобрен за користење против епилепсија и мигрена, а поради антивирусното дејство моментално се испитува и за борба против ХИВ.
– Имав претчувство дека можам да остварам добар резултат, а особено ме храбреше професорот Радман – порачува докторката Видовиќ, која по завршувањето на студиите на Медицинскиот факултет во Загреб запиша постдипломски студии по биологија на Природно-математичкиот факултет во Загреб, а подрачја од научен интерес ѝ се компјутерската биологија и молекуларната медицина. Вработена е на Медитеранскиот институт за истражување на животот во Сплит, каде што го подготвува својот докторат.

Добивме изјава и од нејзиниот ментор, Мирослав Радман, кој раководи со Медитеранскиот институт за истражување на животот.
– Јас сум горд ментор, но за нејзиниот успех не сум заслужен. За неа, само небото е граница. Ги одушеви Американците. Таа примени оригинален пристап, истражувајќи ги лековите, за да види дали некој лек би можел да биде подобар за некоја друга болест. Ова би можело многу бргу да влезе во фаза на истражување. Со вирусите имате само неколку пристапи. Првиот е да му ја отруете ДНК. Тоа е да му се понудат на вирусот погрешни букви и тој да го уфрли оштетувањето во ДНК и да ги отруе своите гени. Вториот пристап е вакцината, за што треба да се имаат веќе готови антитела. Третиот пристап е да се оди и да се спречи вирусот да влезе во станицата, да влезе во крвта. Тоа е пристапот на Тинса, едноставно да го спречи да влезе во станицата – објасни сплитскиот научник пред заинтересираните новинари.

Со докторката Тинка Видовиќ и нејзиниот ментор Радман, во текот на наредниве денови, ќе направиме ексклузивно интервју за нашите читатели, во кое тие ќе зборуваат малку поопширно и пооптимистички за темата што е најактуелна во светот денес.