Во последните 24 часа во Хрватска се регистрирани 486 нови случаи на коронавирус, а четири лица починаа, објави Националниот штаб за цивилна заштита.

Бројот на активни случаи е 2.662, а меѓу нив има и 382 пациенти на болничко лекување, од кои 29 на респиратор.

Од 25 февруари, кога е регистриран првиот случај во Хрватска, регистрирани се вкупно 19.932 лица заразени со коронавирус, од кои 317 починале.

Вкупно се опоравиле 16.953 лица, од кои 258 во последните 24 часа. Во моментов има 12.424 лица во самоизолација.

До денес се тестирани вкупно 353.526 лица, од кои 4.576 во последните 24 часа.

Во Словенија во последните 24 часа се потврдени 380 нови случаи на коронавирус, а двајца пациенти починале, објави словенечката влада.

Вкупниот број на заболени од почетокот на епидемијата се искачи на 8.252 случаи, од кои 3.061 се активни, а досега починаа 167 лица.

Ниту бројот на хоспитализации не се намалува, па според последните официјални податоци, во болниците има 147 пациенти, од кои 21 се во одделите за интензивна нега.

Вчера премиерот Јанез Јанша ја оцени епидемиолошката состојба како многу сериозна и не исклучи заострување на веќе донесените мерки или воведување нови.

Владиниот портпарол Јелко Кацин изјави дека Словенија влегува во критичен период затоа што, според последните податоци, го надминала бројот од 147 заболени на 100.000 жители во текот на 14 дена, што владата го дефинираше како гранична состојба кога треба повторно да се прогласи епидемија.