Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, ги претстави новите строги мерки за борба против коронавирусот, кои ќе траат најмалку до 21 декември. Меѓу нив се и затворање на рестораните и кафулињата, училиштата, фитнес центрите и спортските сали.

– Овие мерки, кои планираме да стапат на сила во сабота, на 28 ноември, ќе траат до 21 декември. Сега се обидуваме да направиме напори во пресрет на Божиќ што ќе ни овозможи ефикасно да се бориме против вирусот – изјави Пленковиќ.

Ова се дел од новите мерки: забранети се сите настани и собири со повеќе од 25 лица, на приватни собири дозволено е присуство на максимум 10 лица, задолжително носење маски, забрана за свадби, на погреби се дозволени максимум 25 лица, пекарите ќе работат до 22 часот.

Бројот на посетители во кино-салите и театрите се ограничува и се препорачува да се работи од дома или во смени.

– Сите овие мерки ќе бидат во сила најмалку до 21 декември. Ако бројот на заболени падне дотогаш, можеме да размислиме за укинување на некои од мерките. Во спротивно, тие ќе останат на сила- објасни Пленковиќ.

Во Хрватска денеска се потврдени 4.009 нови случаи на коронавирус, а починале 51 лице.