Турција воведе нови мерки за да го спречи ширењето на коронавирусот. Планот е да се ограничи работното време на продавниците за храна,  на бројот на купувачи кои можат да бидат во продавниците и на бројот на патниците во јавниот превоз, пренесува „Ројтерс“.

Според новите решенија, продавниците за храна и супермаркетите ќе бидат отворени од девет часот наутро до девет навечер.

Бројот на купувачи во продавниците ќе биде ограничен, така што само едно лице ќе може да биде во објект од десет квадратни метри.

На градските и на меѓуградските автобуси нема да им биде дозволено да превезуваат повеќе од педесет проценти од максималниот број патници.

Турција веќе затвори училишта и кафулиња, забрани колективни молитви, ги одложи натпреварите и ги прекина летовите во многу земји.

Министерот за здравство изјави дека бројот на новозаразените од коронавирус во Турција изнесува 293 и дека вкупно 1.529 лица се болни во оваа земја сега, како и дека повеќе од 24.000 лица биле тестирани на вирусот.