Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа изјави дека Србија потпишала договори за повеќе од 10 милиони дози вакцини и дека досега има добиено околу два милиони. Тој во емисијата „Хит твит“ на ТВ Пинк рече дека треба да пристигнат 41.000 дози од вакцината „Фајзер“, потоа вакцината „Астра зенека“, а потоа 50.000 парчиња од втората доза на руската вакцина „Спутник 5“. Но, според него, Србија сè уште не добила вакцини од програмата „Ковакс“, туку се набавила сама, ништо не добила како подарок и ништо „не и паднало од небо“

– Со сета благодарност до кинеските пријатели, британските пријатели, пријателите од ОАЕ и руските пријатели, успеавме да го овозможиме тоа – рече Вучиќ.

Тој рече дека Србија има вакцини и дека ќе има повеќе вакцини. Зборувајќи за производството на вакцината „Спутник В“ во Србија, тој рече дека руските експерти се задоволни од институтот „Торлак“ и дека Србија сака да произведе уште неколку вакцини и дека мора да се подготви за тоа инфраструктурно и стратешки

„Нашата проценка е дека можеме да произведеме 20 милиони дози, потребни ни се пет до шест милиони, а остатокот можеме да го продадеме во регионот“, рече Вучиќ за производството на вакцините „Спутник 5“.

На прашањето за вакцините што Србија и ги даде на Македонија, Вучиќ рече дека за тоа се потребни бројни дозволи, не само за вакцината на „Фајзер“, туку и за која било друга вакцина.

Тој рече дека дел од луѓето од Република Српска ќе бидат вакцинирани во Србија и ќе се види дали Србија може да им даде дел од вакцините, а се разгледува и можноста да и се помогне на Црна Гора по тоа прашање. Вучиќ додаде дека е направен обид да се скрие дека за време на пандемијата, Србија и помогнала на една земја на ЕУ, бидејќи се знае „кој може да помогне“.