Србија потпиша договор со кинеската компанија „Синофарм“ за набавка на нови количини вакцини, пренесуваат српските медиуми.

На потпишувањето присуствуваа српскиот претседател, Александар Вучиќ, и амбасадорката на Кина во Белград, Чен Бо.

Како што се наведува, Вучиќ преку видеоврска разговарал со претставници на компанијата за процесот за набавка на вакцините, за изградбата на фабрика за производство на кинеската вакцина во Србија, како и за изградба и опрема на српските болници.

За време на состанокот потпишан е и договорот за купување нови два милиона дози вакцини од компанијата „Синофарм“.

Вучиќ им се заблагодари на претседателот на Кина, Шји Џјинпинг, раководството на Комунистичката партија и претставниците на „Синофарм“ за помошта во снабдувањето со вакцини и рече дека најголемиот број српски граѓани биле вакцинирани со таа вакцина.

– Тој посочи дека српските експерти дале многу високо мислење за квалитетот и безбедноста на вакцината на ‘Синофарм’ – се вели во соопштението.

Претседателот на групата „Синофарм“, Лиу Џингжен, изјави дека се среќни затоа што може да обезбедат поддршка на луѓето во Србија во борбата против вирусот.

– Ја цениме довербата на граѓаните во нашиот производ – рече тој.