Владата на Србија ги усвои предложените мерки на кризниот штаб да им се продолжи работното време на угостителските објекти, трговските центри, продавниците, како и на услужните дејности до 20 часот, пренесуваат српските медиуми.

Новите мерки вечерва стапуваат на сила и ќе важат до петок, 25 декември.

– Кафулињата и рестораните ќе може да работат подолго отколку досега, но без музика, со оглед на тоа дека трансмисијата на вирусот значително е поголема кога луѓето разговараат погласно, кога се поопуштени и доаѓа до полесно пренесување на вирусот – рече доктор Бранислав Тодоровиќ.

Објекти и институции од областа на културата – кина, театри, музеи и галерии, почнувајќи од денес, можат да бидат отворени секој ден до 21 часот.

Кафулињата и рестораните, трговските центри, услужните дејности, како што се фризерници и козметички салони, како и сите продавници, освен прехранбените, до денеска работеа до 17 часот, а за викенд се затворени.