Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ најави дека во вторник ќе се одржи седница на Кризниот штаб на која ќе биде донесена одлука за мерките за Нова година.

Брнабиќ рече дека комуникацијата меѓу претставниците на владата и експертите во Кризниот штаб е одлична, иако понекогаш има несогласувања.

– Медицинскиот дел се грижи за заштита на здравствениот систем и здравјето на граѓаните, а јас како премиер и другиот економски дел од Кризниот штаб треба да разгледаме некои други работи, како овие мерки влијаат на економијата. Оваа борба е енормно скапа, ни одзема дури и над милион евра секој ден. Само тестирањето носи околу 700-720.000 евра на ден, кога имате 20.000 тестови – рече Брнабиќ.

Сериозна борба е да се помирите со тие две работи и мора да се грижите за менталната состојба на нацијата, рече таа.

Медицинскиот дел од Кризниот штаб не беше за ублажување на мерките викендов, но беше пронајден добар компромис. Бројот на новозаразени опаѓа, а економијата работи, рече таа.

– Зошто ги одложуваме мерките што ќе бидат донесени за Нова година? Па, затоа што се обидуваме да ги донесеме сите мерки на време. Постои тенка линија помеѓу тоа како го заштитувате здравјето на граѓаните и колку и давате на економијата да работи. Треба да ја пронајдете најдобрата можна рамнотежа, така што економијата продолжува без здравствената заштита да биде толку преоптоварена, да не можеме да примаме луѓе во болници. Тоа е исклучително тешко – вели премиерката Брнабиќ, пренесува „Танјуг“.

– Ако донесете премногу ограничувачка одлука прерано, тоа ќе даде добри здравствени резултати, но ќе ја убиете економијата и ќе ви требаат пет, шест или седум години да се опоравите – рече Брнабиќ и посочи дека се земени предвид прашањето за јавниот долг и буџетскиот дефицит.