Словенија ги укинува ограничувањата за вакцината на „Астразенека“, така што во иднина со неа ќе можат да се имунизираат сите, без оглед на возраста и полот, освен ако не станува збор од особено ранлива група на хронично болни.

Како што пренесе словенечката телевизија, владата ја донела ваквата одлука на предлог на медицинско советодавно тело водено од мислењето на Европската агенција за лекови (ЕМА), која минатата недела, по анализата, утврди дека вакцината е безбедна и ефикасна и дека придобивките од неа се многу поголеми од можните ризици, па со примена може да се продолжи и покрај ретките случаи на појава на згрутчување на крвта.

Некои членки на ЕУ, дури и по таквата позиција на европскиот регулатор, одржуваа или воведоа одредени ограничувања за групи од популацијата што треба да се вакцинираат, додека Словенија во последните неколку недели ја употребуваше вакцината на британско-шведската компанија за имунизација на населението на возраст од 60 до 65 години.

Во иднина, вакцината на „Астразенека“ во Словенија може да ја користат сите групи, освен хронично болни пациенти со висок ризик, а оние што ќе одбијат имунизација со неа кога ќе им дојде редот, ќе мора да чекаат подолго, односно да застанат на крајот од редот, пренесува порталот Индекс.хр повикувајќи се на словенечките медиуми.