Од денеска карантинот во Словенија е скратен од 14 на 10 дена за патниците кои доаѓаат од земји со висок ризик, како и за луѓето кои биле во контакт со заразени лица.

Одлуката беше донесена претходно оваа недела врз основа на препораките на кризниот штаб, кој признава дека ризикот може да биде поголем, но оти товарот врз економијата ќе се намали.

Епидемиолозите наведуваат дека кај повеќето од оние кои се разболуваат, тоа се случува во рок од десет дена по изложувањето на вирусот.

Потегот на словенечките власти ја рефлектира дебатата што се води низ целата Европска Унија, каде што во некои земји карантинот е веќе скратен, додека други размислуваат да го сторат тоа.

На недамнешниот состанок на министрите за здравство на ЕУ, беше постигнат поширок консензус по препорака луѓето што доаѓаат од области со висок ризик да поминат десет дена во карантин.

Доколку тестот е негативен, тој период може да се скрати на пет дена, но сè уште не е постигнат договор таквата препорака да биде усвоена на ниво на ЕУ.

Во Словенија, над 100 нови случаи на инфекција се потврдени во претходните два дена, најмногу од почетокот на пандемијата. Според последните податоци, во Словенија досега биле заразени 3.603 лица со коронавирусот, а 135 починале.