Јавните собири, митинзи и настани во Словенија ќе бидат дозволени од понеделник, 19 април, но на нив ќе може да учествуваат најмногу 100 лица.

Одлуката за епидемиолошки мерки, кои се однесуваат на собири, ја смени Владата на Словенија затоа што претходната забрана беше оспорена од Уставниот суд на иницијатива на граѓаните.

Министерот за внатрешни работи на Словенија, Алеш Хојс, им изјави на новинарите дека доколку состанокот се одржи на отворено и со пропишана физичка оддалеченост, учесниците не треба да носат маски.

Тој посочи дека уставните судии ќе ја делат одговорноста доколку се влоши епидемиолошката состојба, бидејќи Владата во својата одлука се водела исклучиво од интересите на здравствената заштита, а не од политичките мотиви.

Италија ќе започне со олеснување на рестриктивните мерки во многу области, кои беа воведени поради коронавирусот, од 26 април, изјави денеска премиерот Марио Драги.

Почетокот на ублажувањето на мерките беше најавен порано за почетокот на мај.

„Владата презема разумен ризик врз основа на податоци што покажуваат подобрување, иако не драматично“, им рече Драги на новинарите.

Тој додаде дека последната одлука се заснова на претпоставката дека и граѓаните и институциите ќе ги почитуваат регулативите, што ќе го направи успешен овој разумен ризик.

Досега во Италија се регистрирани 3.826.156 заразени лица, додека 115.937 починале.

Додека повеќето земји од Европската Унија се борат со нови зголемени бројки од ковид-19 и ги засилуваат антипандемиските мерки, Португалија се движи во поинаква насока и од понеделник португалците ќе можат да одат во ресторани, трговски центри и кина.

Часовите повторно ќе се одржуваат во средните училишта и универзитетите, а училиштата за помали деца се веќе отворени, како и градините на кафулињата и рестораните, пишуваат агенциите.