Словенечката влада ги заостри условите за влез на патниците од трети земји надвор од ЕУ, така што од полноќ нема да може да се влезе од БиХ, Србија и од Косово, без задолжителен 14-дневен карантин или негативен тест за ковид-19.

Овие земји, каде што е забележано поголемо дневно зголемување на пациенти со коронавирус, се ставени на т.н. црвена листа на епидемиолошки несигурни земји, на која веќе се наоѓа Македонија.

Бугарија, која досега беше на зелената листа, е пренесена на пониската жолта листа, во којa спаѓаат неколку други земји на ЕУ со полоша епидемиолошка состојба.

Секој што сака да влезе во Словенија од државите на црвената листа, без разлика дали е словенечки државјанин или странец, ќе мора да помине двонеделен карантин или да има негативен тест не постар од три дена и мора да биде направен во една од земјите членки на ЕУ.

Министерот за внатрешни работи, Алеш Хојс, рече дека овие мерки се воведени поради ризикот од внесување на коронавирусот во Словенија и опасноста од можен втор бран на епидемијата.

Според словенечките епидемиолози, од 34 нови случаи во последните десет дена, повеќето биле увезени од странство – два случаја од Русија, девет од БиХ, три од Србија и по еден од Шведска и САД.

Хојс предупреди дека оние што го носат вирусот во Словенија се кривично одговорни доколку ѝ дадат на полицијата погрешни информации за тоа каде престојувале.