Земјите од Западен Балкан ќе бидат погодени, како и остатокот од светот, од последиците на пандемијата на коронавирус, па и тие ќе паднат во рецесија оваа година и би можела да забележат пад на бруто-домашниот производ (БДП) до 11,3 проценти, соопшти Светската банка.

Како што е наведено во најновиот Редовен економски извештај на Светска банка (РЕР), кој користи основно и неповолно сценарио со оглед на високите неизвесности предизвикани од пандемијата, регионалниот економски раст на Западен Балкан се предвидува да биде негативен и веројатно ќе се движи помеѓу -3 и -5,6 проценти. Ваквиот пад се предвидува под услов пандемијата во Европа наскоро да започне да забавува, што тогаш би значело дека рестриктивните мерки можат да бидат укинати до крајот на јуни и дека закрепнувањето може да започне постепено во втората половина на 2020 година.

Најлоши се проекциите за Косово, кое во случај на поповолно сценарио го очекува пад на БДП од 4,5 проценти, а во случај на неповолен развој на ситуацијата падот би изнесувал дури 11,3 проценти.

Слични прогнози важат и за Црна Гора, која во случај на брзо запирање на ширењето на коронавирусот, очекува економски пад од 5,6 проценти, а во случај на продолжување на пандемијата до крајот на летото, падот би бил дури 8,9 проценти.

Слични се и предвидувањата за Албанија, каде што можат да сметаат на пад на БДП од 5 односно 6,9 проценти.

Босна и Херцеговина ќе биде малку подобра, со проектираните стапки на пад од 3,2 односно 4,2 проценти. Србија очекува  негативна стапка од 2,5 односно 5,3 проценти.

Најмала штета ќе претрпи Македонија, чија економија се проценува дека ќе забележи пад од 1,4 до 3,2 проценти.

Закрепнувањето од ефектите на пандемијата „ковид-19“ е можно на среден рок, но како што се посочува во извештајот, се ќе зависи од должината на блокадата, како и од мерките преземени од надлежните органи на државите од регионот за справување со последиците.