Бугарија, која има најнизок процент на вакцинирана популација во ЕУ, објави рекорден дневен број на заразени и смртни случаи од коронавирус.

Во последните 24 часа во Бугарија со коронавирус се заразиле 5.863 лица, а 243 починале, покажуваат официјалните податоци таму. Досега од ковид, во земјата која има околу 7 милиони жители, починале 23.316 лица.

Бугарија воведе задолжителни здравствени сертификати за повеќето затворени јавни места поради ширењето на заразата и слабата покриеност со вакцинација. Ограничувањата предизвикаа протести, а некои политички партии ја обвинија преодната влада за лошо управување со пандемијата пред изборите на 14 ноември.

Здравствените власти предупредија дека ако новиот бран на зараза не забави, ограничувањата би можеле да бидат уште поголеми бидејќи болничкиот систем сè потешко се справува со толку многу пациенти.

Во моментов, има повеќе од 7.100 лица на болничките одделенија за ковид, од кои 608 се на одделенијата за интензивна нега. Според податоците, повеќе од 90 отсто од пациентите не се вакцинирани.

Бројот на вакцинирани почна да се зголемува од минатиот четврток, кога властите го ограничија влезот на многу јавни места. Само оние кои се вакцинирани, имаат негативен тест или прележале ковид-19, можат да влезат во рестораните, кината и спортските сали.

Медиумите наведуваат дека како главни причини за скептицизам кон вакцината се сметаат недовербата на граѓаните кон државата и контрадикторните пораки од политичарите и експертите. Во Бугарија досега целосно се вакцинирани само 24 отсто од населението, додека просекот во ЕУ е 74 отсто.