Во Словенија минатата недела се регистрирани 390 нови случаи на зараза со коронавирус, речиси двојно повеќе од претходната недела, па епидемиолозите предупредуваат на потенцијални ризици, особено поради ширењето на делта-варијантата ширум светот.

Брзината на ширење на делта-варијантата кај заразените е голема, изјави епидемиологот Нушка Чакш Јагер од Институтот за јавно здравје, повторно предупредувајќи на случајот со 700. словенечки матуранти, од кои досега кај 154 е потврден ковид. Веројатно се работи за делта-варијанта, која сепак треба да се докаже откако ќе се вратат од патување во Шпанија.

Затоа, во сегашната ситуација епидемиолозите не препорачуваат патување во земји каде што почнува да доминира делта-вирусот, ниту масовни собири на музички концерти или фестивали.

Во последно време има многу „увезени“ инфекции со новиот коронавирус, најмногу по враќањето од Шпанија, но и од Хрватска и други дестинации, рече Чакш Јагер.

Институтот „Јожеф Штефан“ предупреди дека делта-варијантата на коронавирус во Словенија наскоро би можела да стане доминантна. Според епидемиологот Матеја Логар, процентот на оваа варијанта кај новозаболените лица во Словенија во моментов е помеѓу 20 и 28 проценти.

Словенечката влада во вторникот објави дека биле потврдени 84 случаи на зараза во последните 24 часа или 4,6 проценти од сите анализирани примероци биле позитивни, додека учеството на позитивните тестови претходниот ден било само 2,1 процент.