Во Србија вчера беа регистрирани 8.467 нови случаи на инфекција со корона, најмногу во еден ден од почетокот на пандемијата. Порталот „Б92“ известува дека метежот пред ковид-болниците е огромен и дека пациенти чекаат на итен превоз.

„Тријажниот ковид-центар е отворен 24 часа на ден, се наоѓа во зградата на поликлиниката, а го издвоивме само за таа намена со цел да се справиме со зголемениот број регистрирани пациенти“, вели Драгош Стојановиќ, директор на КБЦ „Земун“. Тој додава дека 80 % од пациентите не биле вакцинирани.

Предучилишните установи во Белград ги ставаат во изолација сите деца што ќе дојдат во контакт со заразено дете, што не беше случај претходно.

Ова ги налути родителите, кои велат дека не е јасно како оваа мерка не била применета во декември, во екот на третиот бран.

Епидемиологот и член на кризниот штаб, Предраг Кон, вели дека постојат две можности за земјата: или нешто ќе се направи или на Србија ѝ се заканува ново затворање.

Тој вели дека медицинскиот дел на кризниот штаб се залага за воведување ковид-сертификати за кои сметаат дека се најрационалното решение.

Последниот пат кога Србија имаше рекорден број нови случаи беше на 1 декември 2020 година – 7.999 новозаразени.