Во градот Бихаќ е потврдена првата смрт од коронавирусот во Босна и Херцеговина.

Според директорот на Кантоналната болница „Д-р Ирфан Љубијанкиќ“, Хајрудин Хавиќ, станува збор за повозрасна жена која била хоспитализирана пред два дена, пренесоа локалните медиуми.

Радован Вишковиќ, премиерот на Република Српска, денеска истакна дека пациент од Приедор, кој бил заразен со корона, е во сериозна состојба и е приклучен на респиратор.

Според статистиката на универзитетот „Џон Хопкинс“ во БиХ е потврден 91 случај на инфицирани.

Во Хрватска, пак, вкупно 206 лица се заразени со вирусот, што е за 78 повеќе од вчера, според Националниот штаб за цивилна заштита.

Донесена е одлука да се прекине автобускиот и железничкиот сообраќај со цел да се спречи зголемување на бројот на заразени лица, јави „Индекс.хр“.

Мерки за самоизолација се утврдени за повеќе од 14.000 лица, 90 луѓе се ставени во карантин, а тројца од заболените се на респиратор.