Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска најави можност Хрватска да ја увезе руската вакцина против коронавирусoт, „спутник В“, што ќе зависи од одобрувањето на Европската агенција за лекови (ЕМА).

Тој рече дека Русија е подготвена да ја достави вакцината „спутник В“ во Хрватска.

– Сега разговараме со хрватската Агенција за лекови какви ни се законските можности, во согласност со легислативите на ЕУ. Откако ЕМА ќе одобри, ќе биде можно и во Хрватска да се користат овие вакцини. Мора да бидеме сигурни кога е во прашање јавното здравје – рече Пленковиќ.

Тој посочи дека минатата недела разговарал и со некои фармацевтски компании, додавајќи дека испораката на вакцини во Хрватска ќе биде забрзана во текот на март.

– Очекувам повеќе од 600.000 нови дози до крајот на март. Уште поголема испорака очекуваме во вториот квартал, односно компензација за ‘долговите’ од јануари и февруари – изјавил Пленковиќ, а пренесуваат хрватските медиуми.