Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ изјави дека за време на неговата посета на Брисел, една од темите било инсистирањето на Хрватска за забрзување на дистрибуцијата на вакцините.

– Хрватската влада досега порача 6,8 милиони дози вакцина. Досега пристигнаа околу 450 000. Треба да има околу милион дози вакцини во Хрватска до 1 мај. Сето ова е нешто побавно отколку што се очекуваше. Проблемите се појавуваат со огромните нарачки. Големи количини се нарачани од ЕУ и други земји низ целиот свет – рече Пленковиќ.

Тој уште еднаш потенцира дека на Хрватска и е неопходна вакцина, бидејќи Хрватска е туристичка земја.

Додаде дека Хрватска сака да влезе во туристичката сезона со што повеќе вакцинирани хрватски граѓани, а истото да го обезбеди и на ниво на ЕУ.

Зборувајќи за дистрибуцијата на вакцини, Пленковиќ рече дека од летото, кога започнале преговорите со фармацевтските компании, Хрватска постепено добивала сигнали од Европската Комисија за преговори.

– Во текот на летото, сите расположиви информации укажуваа на тоа дека вакцините „Астразенека“ ќе бидат завршени што е можно поскоро и одобрени што е можно побрзо. Тогаш нешто се искомплицира. Во моментот, срамота е што нарачавме најмногу од „Астразенека“ затоа што тие забавија со дистрибуцијата – рече Пленковиќ и потсети дека Хрватска веднаш од кај нив нарача 2,7 милиони дози.

Пленковиќ зборуваше и за смртта на 91-годишна жена која почина по вакцинирањето. Кажа дека според информациите што ги добил од надлежните институции, засега нема докази дека смртта е поврзана со вакцината.