Властите во Грција дадоа зелено светло за „Операцијата Миконос“, во која со помош на дронови ќе се забележуваат туристите што не ги почитуваат протоколите за безбедност и спречување на ширењето на коронавирусот, пренесува „Гласот на Америка“.

Ваквата одлука доаѓа откако голем број на т.н. „корона-забави“ во приватни вили беа забележани на Миконос по донесената забрана за затворање на ноќните клубови низ земјата. Покрај дроновите, исто така ќе бидат формирани тимови од полицајци кои ќе извршат рација и ќе ги казнат прекршителите. Паричните казни се движат од 300 до 5.000 евра.

– Нелегалните забави претставуваат голем ризик за ширење на вирусот, и на нив се заразуваат сѐ повеќе луѓе. Потоа ќе имаме скок на заболени, што ќе ни донесе нови ограничувања и мерки, ќе предизвика запирање на бизнисите и голема штета на туристичкиот сектор. Крајно време е сите да преземат целосна одговорност за своите постапки – предупредува Никос Хардалиас, шеф на грчката Агенција за цивилна заштита.

Грција ублажи дел од мерките во средината на мај, кога повторно го дозволи меѓународното патување. Според многу критичари, ваквата одлука беше брза и непромислена.

– Рестораните се отворени, но во нив не е дозволена музика со цел да не се собираат групи на луѓе. Тоа е апсурдно. Властите треба сериозно да ја преиспитаат својата политика и да им обезбедат некој вид на забава на локалното население и туристите, инаку ваквите „корона-забави“ ќе продолжат да се случуваат – објаснува Хераклес Зисимопулос, претприемач од Миконос.

Претходно, владата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис се обиде да најде начин да го оживее туристичкиот сектор, привлекувајќи ги туристите со ветувања за безбеден летен одмор на грчките острови. Но, тие треба да ги почитуваат мерките за заштита за време на нивниот престој.