Косовската министерка за економија, Розета Хајдари, изјави дека постепеното олеснување на мерките преземени во борбата против пандемијата и постепеното отворање на претпријатијата би можело да почне од 4 мај.

– Сметаме дека може да има услови за ова и се надевам дека во соработка со граѓаните овие мерки ќе бидат отстранети и порано. Тоа ќе зависи од развојот на ситуацијата со пандемијата – рече Хајдари за КТВ.

Хајдари исто така истакна дека актуелната влада го наследила буџетот со минус од 300 милиони евра истакнувајќи дека станува збор за огромен долг.

– Итен финансиски пакет може да предложи само Владата. Не знам дали може да има паралелен пакет на собранието на Косово. Финансискиот пакет го изработува извршната власт и само тоа доаѓа предвид – истакна таа.

Според неа, за време на пандемијата Владата презела мерки насочени кон зачувување на животите на граѓаните и тие имаат ефект, но исто така предизвикуваат и големи економски загуби. Хајдари рече дека е премногу рано да се проценат загубите на макроекономско ниво, но тие анализи ќе бидат направени во наредните денови.