Српскиот министер за здравство Златибор Лончар потврди денеска дека починала жена на возраст од 60 години од последица на зараза од коронавирус, пренесува Б92.

Ова е четврта жртва на коронавирусот во Србија.

Лончар за РТС изјавил дека жената била долгогодишен нерегулиран дијабетичар и дека починала вчера во попладневните часови.

– Таа беше на респиратори од 21 март, тешка форма, лекарите се бореа, но нажалост не успеаа да помогнат – рекол Лончар.

Тој апелира до граѓаните да бидат без контакти, во своите домови и да ги слушаат советите на експертите.

– Да не доаѓаме во оваа ситуација, тоа е единствениот начин – додава Лончар.

До вчера на респиратори биле 21 лице, а Лончар вели дека се работи за пациенти во тешка состојба и дека немало поважни промени до утрово.

Во врска со двете бебиња кои се заразени со коронавирус, Лончар рекол дека тие се во стабилна состојба и без никакви проблеми.

Бројот на смртни случаи во БиХ се зголеми на три, откако во Илиџа почина повозрасна жена која премолчела оти била во контакт со ќерка си која била во Италија.