Повеќе од две третини од заразените повратници од одмор го донеле вирусот во Австрија од Западен Балкан, според податоците од австриската Агенција за храна и безбедност (АГЕС), пренесува српскиот портал „Дневник“.

Најголем број на увезени случаи се од Македонија, дури 866, а во споредба со ситуацијата од пред две недели, тоа е зголемување за 477 случаи. Косово исто така предничи на листата со зголемување на бројот на „увезени“ случаи од 253 на 799.

Меѓу водечките земји на оваа листа се и Хрватска со 683 случаи, од Турција биле „увезени“ 662 случаи, а и од Србија има зголемен број на „увезени“ инфекции.

Во 31-та календарска недела во Австрија беа регистрирани 5.888 инфекции со коронавирус, а во 32-та недела веќе имало 8.113, од кои околу 40 проценти отпаѓаат на повратници од одмор.

Во меѓувреме, Федералната служба за борба против тероризмот и заштита на Уставот (БВТ) предупреди на опасноста од нови дејствија на групи кои го негираат постоењето на коронавирусот, пред се, против медиумите.