Бројот на новозаразени со ковид-19 нагло се зголеми во Грција во последните денови, а денеска се регистрирани 2.107 нови случаи на ковид-19.

Најголемиот број, повеќе од половина нови случаи се во областа Атика, поширокиот регион на Атина.

Во однос на делта сојот, потврдени се нови 67 случаи, со што вкупниот број се зголеми на 121, од кои најголемиот број 58 се во градот Ираклио на Крит, 39 се во Атика, пет во Солун, по четири на атинскиот аеродром и на Лезбос, три во градот Ретимно на Крит, два на островот Парос и по еден во областите Арголида, Ахаија, Евија, во Коринт, Лариса и на Халкидики.

Претходно денеска, портпаролката на грчката влада, Аристотелија Пелони, изјави дека епидемиолошката состојба во Грција е влошена.

– Во последните десет дена има зголемување на случаите и драстичен пад на просечната возраст на нашите сограѓани заразени од вирусот – на 27 години. Во јужните области на Атина, каде што е утврдена особено висока стапка на заразени луѓе, околу 66 проценти од случаите се на возраст од 15 до 24 години – рече Пелони на прес-конференција, а пренесе грчката агенција АНА.

Утврдено е, како што додаде таа, дека инфекцијата на лица помлади од 30 години е поврзана со местата за забава, поради што, како што истакна, ќе бидат применети построги мерки во рестораните, баровите и во ноќните клубови.

– Целта за следниот период е да ги убедиме оние што сè уште се сомневаат во безбедноста и ефикасноста на вакцините да ја искористат привилегијата за вакцинирање – рече Пелони.

Портпаролката посочи дека Грција е во нова фаза на пандемијата.

– Во нашите раце имаме штит што го немавме во претходната фаза – тоа е вакцината до која сите граѓани имаат универзален, бесплатен и директен пристап. Вакцините се ефикасни, тие дејствуваат и нè штитат. Оние што сè уште не го сториле тоа, треба веднаш да се вакцинираат – рече Пелони.