Набавката на вакцини за Западен Балкан ќе биде една од темите на состанокот на лидерите на членките на Европската унија (ЕУ), што ќе се одржи в четврток, објави Брисел.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, истакна дека лидерите на ЕУ треба да разговараат за соработката со трети земји во врска со вакцините.

– Ќе видиме како можеме да им помогнеме на нашите партнери во соседството и пошироко – рече Мишел, пренесува Танјуг.

Во писмото со покана до лидерите на земјите-членки на ЕУ, во пресрет на видео-конференцијата закажана за четврток во 18 часот, Мишел наведува дека на состанокот ќе се разговара и за кампањата за вакцинација во рамките на Унијата.

– Забрзувањето на вакцинацијата низ ЕУ е наш апсолутен приоритет – рече Мишел.

Покрај дискусијата за набавка и дистрибуција на вакцини низ ЕУ и во соседството, Мишел објави и разговори за сертификати за вакцинација.

– Ќе разговараме за соодветноста на заедничкиот пристап кон сертифицирање, како и, доколку е потребно, околностите под кои може да се користат ваквите сертификати – рече Мишел.

Тој оцени дека моменталната состојба со заразата со Ковид-19 во Европа бара голема претпазливост.

Мишел повика, покрај почетокот на вакцинацијата, да се продолжи со обемно тестирање и следење на контактите, но и да се овозможи прекугранично движење во рамките на ЕУ.